Основни податоци за општината
Општина Вевчани се наоѓа на само 15 км од Охридското Езеро, сместено е под падините на Јабланица, во југозападниот дел на Република Македонија. Се простира на површина од 35 км2, која е претежно ридско-планинска. Вевчани брои 550 постојани домаќинства со 2433 жители и околу 300 викенд куќи. Вевчани изобилува со голем број природни реткости и локалитети. Посебен белег
му дава водата, која може да се види насекаде, но најдоминантна е во локалитетот “Вевчански извори“ – споменик на природата. Големо природно богатство се и шумите и живиот свет во нив, какои големиот број излетнички места како:
- месноста “Голина“ со глечерското езеро “Локва“ на 2000 м н.в.
- месноста “Мала ливада“ на која посебен белег и дава студената бистра изворска вода на н.в. од 1600 м.
- месноста “Јанков камен“, најубавото и најпосетеното излетничко место, богато со вода на н.в. од 1200 м.
Вевчани е познато и по културното богатство, како што е старата архитектура која што вевчанци ја носеле од разни краеви на светот што печалбареле. Вевчани брои 19 цркви, манастири и параклиси, а централно место зазема црквата Св. Никола која е осветена 1876 година, а во која посебно место зазема иконостасот изработен од познатиот Дичо Зограф со тајфата, како и манстирот Св. Спас кој се наоѓа на надморска висина од 1310 м.
И покрај сите овие карактеристики, Вевчани во нашата земја и светот најпознато е по традиционалниот “Вевчански карневал“ стар колку што е старо и Вевчани – 1400 години. То се одржува секоја година на 13 и 14 јануари и преставува еден голем, отворен театар. Посетен е од голем број домашни и странски посетители. Вевчани, а со тоа и РМ од 1993 година е членка на Светското карневалско здружение – ФЕЦЦ и таму Република Македонија е примена под уставно име во период кога нашата земја се бореше за меѓународна афирмација
Географска положба
Општина Вевчани се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија на падините на планината Јабланица на надморска висина од 800м. Атарот на населбата Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското езеро. Се протега во насока исток-запад, од подножјето, преку ридестиот терен се до сртот на планината Јабланица. Се граничи со Општина Струга, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија. До Вевчани води асвалтиран пат што од Струга минува низ селата Враништа и Велешта и води до Вевчани.
Клима
Населбата и поширокото подрачје претставува најјужниоот дел од Р.Македонија и лежи на геогравска широчина од 41° но благодарение на височината на која лежат и најниските делови на теренот, климатските карактеристики во значителна мера одстапуваат од средоземната клима, која ова подрачје би трбало да ја има со оглед на својата геогравска положба. Ова подрачје од морската страна е оградено со високи планини така што многу малку се одразува влијанието на морето врз климатските одлики на теренот.
Во ова подрачје најтопли месеци се јули и август а најладни се јануари и февруари. Средната месечна температура во топлите месеци е 22°C, а во најладните се спушта и под 0°C. Средните годишни температури се ниски така да тие се задржуваат околу половина од годината и се некаде околу 10°C.Средните годишни врнежи се околу 1000мм. но тие се распределени во различни периоди и се редовно врзани со температурите така да најмногу ги има во ноември и декември, а најмалку во топлите летни месеци. Секако трeба да се спомене дека повеќе ги има во планинскиот предел.Висината на снежните врнежи достигнува и до 2м. Апсолутна минимална температура во зимските месеци изнесува до -20°C.
Вегетација
Вегетационите одлики на теренот се зависни воглавно од климатските услови, од рељефот и од составот на почвата.Повисоките делови на теренот примаат доста врнежи во текот на целата година ,но средните годишни температури во вегетациониот период се ниски така да не постојат погодни услови за поразвиено аграрно производство. Исто така во овие предели вегетациониот период е нешто покус. Равничарските делови бидејќи природно имаат можност за наводнување застапено е одгледувањето на ратарски, зеленчукови култури и лозја со помали овошни насади. Во источниот равничарски дел ретко се одгледуваат житни култури но доста е присутно одгледувањето на пченка и тревнаста сточна храна.
Хидрографија (реки,езера)
Главна хидрогравска артерија на територијата на на населбата Вевчани е Вевчанската река Матица која минува низ населбата и се влева во Црн Дрим.
Нејзините извори се наоѓаат на источните падини на планината Јабланица, во близината на населбата, на надморска висина од 950 м. а се сместени во тирјански варовници. Нивната издашност во влажниот период на годината изнесува околу 1.500 л./сек, а според некои мерења издашноста се цени од 400-450 л./сек.
Овие извори претставуваат едни од поретките псеудопериотски сифонски врела во нашата држава и како такви претставуваат виден споменик на природата.
Поради тоа и покрај своите амбиентални вредности претставуваат природно место за одмор и рекреација.
Покрај овој богат извор постојат и други планински извори како и фосилен остаток на леднички цирк во кого постои мала езерска водена површина (локва).
Населбата со вода за пиење се снабдува од изворот на реката Матица и од планинските извори кои по природен пат доаѓаат до неа.
Овие води создаваат можност за посебна атрактивност на амбиентот во населбата.
Исто така на само 12 км од населбата Вевчани се наоѓа и охридското езеро.
Краток историјат на општината
Историјат на општината
До 1953 година Вевчани имаше своја општина,заедно со селата Октиси и горна Белица. Од 1953 до 1956 година е приклучено кон општина Велешта, а нешто подоцна кон општина Струга. Оттогаш трипати е поднесувано барање за формирање на општина 1969 ,1981 и 1990 година.
Општината е обновена 1996 година со донесувањето на Законот за територијална организација на Република Македонија со што Вевчани со површина од 35 км2 и 2500 жители е единствената општина во Р. Македонија со едно населено место. Општината почна да функционира од 1997 година со формирањето на нејзините органи и тела, по изборите за локална самоуправа.
Специфичноста и посебноста на вевчанскиот идентитет се гледа и низ призмата на Вевчанскиот карневал, Референдумот за прогласување на Република Вевчани во 1992 година, сопствените пасоши и парите (личници).
Името на општината
Името на Вевчани произлегува од чисто словенски збор. Тоа е старословенскиот збор ВЕС (село), односно за жителите на тоа село СЕЛЧАНИ, а за ВЕС (ВЕСЧАНИ). Вака по пишуваното правило врзано за промените на зборовите во литературниот јазик, конечно се извела именката Вевчани.
Изворите говорат дека Вевчани е чисто словенска населба. Неговата прва локација не била денешно Вевчани. Таа се наоѓала нешто подалеку од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика - Селиште.
Вевчани е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога словенското племе Берзити (Брсјаци) го преплавуваат Струшкиот крај и ја населуваат локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица.
За тоа од кога ја сретнуваме населбата Вевчани запишана во документите, низ вековите, има повеќе изворни документи. Еден од нив е Калимановата грамата,како досега најстар истражен документ. Во него се говори дека Вевчани како селска населба е евидентирано од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики.
За населувањето на првите семејства и родови во Вевчани досега се што се знае се темели на претпоставки и легенди. Така, првите населени вевчанци биле браќата Калан и Алул. Иако браќата се населиле на една локација во Вевчани, братот Алул го населил горниот крај на селото и ја создал семејната лоза Алуловци, додека, вториот брат Калан, го запоседнал долниот крај на Вевчани, во Долно маало, каде што денес живее семејната лоза Калановци.
Демографски податоци
Бројот на населението според пописот од 2002 година
Според пописот во 2002 година во општина Вевчани живеат 2433 жители. Просечната густина на населението е 106,71 жители/км2. Има 1 населено место.