Ротари е организација на луѓето од бизнис заедницата кои здружени ширум светот си поставуваат за цел пружање на хуманитарна помош и поттикнување на високи етички стандарди во сите професии и унапредување на добрата волја и мирот во светот. Основана во 1905, денес има преку 1,2 милиони членови во преку 34000 клубови распространети во повеќе од 200 земји во светот.
Мисијата на Ротари е унапредување
на светското разбирање, добрата волја и мирот преку посветеност и напор на ротаријанците да се искоренат болестите, да се унапреди описменувањето и да се намали сиромаштијата. Оваа мисија ја остваруваат ротаријанците и нивните пријатели кои делат иста визија: светот да стане едно подобро место за живот.
Ротари е основан од страна на Пол Харис - адвокат и неговите пријатели. Како причина за основање на Ротари, тој рекол: "Бизнисот цветаше, но "Ветровитиот град", како што популарно го нарекувале Чикаго, стана центар на олујата на работничкото незадоволство. Границите на Чикаго се ширеа како масло на мокар асфалт, едвај успевајќи да држат чекор со експлозијата на жителите. Животот во зовриената метропола беше брз, но и осамен. Луѓе имаше на секој чекор, но пријатели никаде". И така е родена едноставната идеја на Ротари - пријателство и служење. Самиот Пол Харис говорел дека како индивидуа сте сами и на тој начин ништо не може да се постигне, но ако се здружиме, ситуацијата се менува. Идејата на Ротари почнала на национално ниво, да за само неколку години прерасне во интернационална. Ротари на почетокот функционираше на англиски јазик, но потоа дојдоа други луѓе, други земји, други јазици, други култури, и сето тоа заедно стана Ротари.