26/09/2025
Наслов на изложбата: Осончена тишина
Фотографска серија на Александра Костадиновска
На 26 септември 2025 година, во 12:00 часот, во Галеријата на ОУ Народен Музеј Свети Николе во рамките на Европските денови на културното наследство 2025 се одржа отворање на изложбата насловена „Осончена тишина“- фотографска серија од уметникот Александра Костадиновска. Изложбата е во организација на ОУ Народен Музеј Свети Николе, Здружението за архитектура, дизајн и култура-Архифакт - Скопје, а во рамките на патувачкиот проект МузеумЛинк. Куратор на изложбата е Јасминка Намичева-кустос советник.
„ Осончена тишина “ е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
Она што првично било создадено како приватна збирка моменти зачувани во фотографска форма денес се претвора во изложба што нуди простор за препознавање и соучество. Гледачот не останува надворешен набљудувач туку станува дел од патувањето, дел од процесот на откривање на светлината како жива материја што ги моделира нашите чувства и сеќавања.
Фотографиите на Костадиновска се движат на тенката линија меѓу документарното и поетското. Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектираат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок.
„ Осончена тишина “ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Оваа изложба може да се чита и како мапа на едно созревање: бележење на крајот на една фаза и отворање кон ново поглавје. Таа не е само сведоштво за простори низ Европа, туку и за внатрешни пејзажи на авторката. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ ја поврзува интимата на личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот. Изложбата претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени.
Добредојдени сте!
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 10.10. 2025 година,
О.У Народен Музеј Свети Николе.