12/12/2025
Дијаконија – Мис Стон Центар добитник на две годишни признанија за хуманитарна служба
Дијаконија – Мис Стон Центар е добитник на годишното признание „Вељо Манчевски“, доделено од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, за значаен и долгорочен придонес во верскиот и општествено-хуманитарниот живот во земјата.
Признанието ни беше врачено на традиционалниот предновогодишен прием „Вељо Манчевски“, настан кој на едно место ги обедини највисоките државни претставници, верските лидери од сите заедници, како и претставници од дипломатскиот и академскиот живот. Меѓу присутните беа претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, претставници на Владата, како и поглаварите и претставниците на верските заедници во Македонија.
Дијаконија – Мис Стон Центар беше наградена за својата континуирана служба кон најранливите категории граѓани, особено преку програмите за обезбедување храна, грижа и поддршка за лица во социјален ризик. Ова признание го доживуваме како силна потврда дека нашата мисија, заснована на вера, солидарност и грижа за човекот, е препознаена и вреднувана.
Со особена благодарност споделуваме дека во истиот период Дијаконија – Мис Стон Центар доби и годишно признание од Општина Струмица, за особен придонес во општествено-хуманитарната дејност. Двете признанија за нас претставуваат силна потврда за континуираната работа и довербата што ја имаме во заедницата на локално и национално ниво.
Изразуваме искрена благодарност до Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, како и до директорката на Комисијата, г-ѓа Оливера Трајковска, за укажаната чест и поддршката.
Посебна благодарност и до сите вработени, волонтери, партнери и донатори кои секојдневно се дел од мисијата на Дијаконија.
Ова признание е наша заедничка заслуга и обврска со уште поголема посветеност да продолжиме да служиме таму каде што помошта е најпотребна.