04/06/2026
Сеќавање на Љубица Пиперевска (1932–2011) – доајенка на струмичкиот театар
Во богатата историја на струмичкиот театар, малкумина уметници оставиле толку силен и траен белег како актерката Љубица Пиперевска. Речиси четири децении беше дел од ансамблот на струмичкиот театар, а со својата актерска зрелост, сценска прецизност и исклучителна емоционална изразност се вбројува меѓу најзначајните личности во развојот на театарската уметност во Струмица.
На сцената настапуваше од 1951 до 1990 година, создавајќи повеќе од осумдесет улоги во дела од македонската и светската драмска литература.
Нејзиниот актерски опус опфаќа низа впечатливи и сложени ликови – од Мирандолина, Цвета и Едит Франк, до Стела во „Трамвајот наречен желба“, Аркадина во „Галеб“, Клитемнестра во „Електра“ и многу други улоги што останаа запаметени во колективната меморија на струмичката публика.
Љубица Пиперевска припаѓа на генерацијата театарски уметници кои ги поставија темелите на современиот струмички театар и го афирмираа на националната културна сцена. Нејзината игра се одликуваше со исклучителна чувствителност, природност и способност да создаде силни сценски карактери, поради што беше особено ценета и од публиката и од театарската критика.
Нејзиниот талент беше препознаен и наградуван уште во раните години од нејзината кариера. Во 1961 година, заедно со актерите Чедо Христов и Стојан Готов, добива награда за успешно актерско остварување во претставата „Среќа и крадци“ од М. Мисаиловиќ, во режија на Ацо Алексов, како и признание од Здружението на драмски уметници на СР Македонија.
Особено значајно место во нејзината кариера има 1965 година, кога на првите Театарски смотри во Прилеп ја добива наградата за улогата на Флоранса во претставата „Стапица за беспомошниот човек“ од Робер Тома, во режија на Ацо Алексов.
Со тоа, Љубица Пиперевска останува запаметена како првата добитничка на награда за најдобра женска улога на Театарските смотри во Прилеп, денешен Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што претставува едно од најзначајните признанија во историјата на македонскиот театар.
Меѓу нејзините значајни фестивалски признанија се и наградата освоена во 1970 година, кога заедно со актерката Зора Георгиева беше наградена за актерските остварувања во претставата „Трамвајот наречен желба“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Бранко Ставрев, на VI Театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Во 1974 година, претставата „Векутума века или житиe Адамово“ од Марко Цепенков, во режија на Бранко Ставрев, беше наградена на X Театарски игри „Војдан Чернодрински“, при што признанија добија актерите Кирил Здравески, Зора Георгиева и Љубица Пиперевска за своите улоги во ова значајно сценско остварување.
Од нејзините бројни сведоштва за театарскиот живот останува запаметен и настанот од премиерата на „Три сестри“ во 1974 година, кога поради снежно невреме и прекин на електричната енергија претставата продолжила да се игра под светлина од свеќи. Публиката останала во салата до самиот крај, а токму тој момент најдобро ја отсликува посветеноста и ентузијазмот на генерацијата на која ѝ припаѓаше Љубица Пиперевска.
По нејзината смрт во 2011 година, зад себе остави значајно уметничко наследство и неизбришлива трага во историјата на Театар „Антон Панов“ – Струмица.
Денес таа се смета за една од најзначајните актерки на струмичката сцена, чие име е неразделен дел од развојот, афирмацијата и културната меморија на струмичкиот театар.