14/05/2026
Во рамки на проектот „Мапирање на човечкиот капитал и идентификување на потенцијалот на младите лица од ранлива категорија во Република Македонија“, кој го реализира Економскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а е финансиран од Министерството за образование и наука на Република Македонија, на 11.05-12.05.2026 година во Општина Босилово се одржаа работилници со млади лица на возраст од 15 до 29 години.
Соработката со Општина Босилово произлегува од претходно склучениот меморандум за соработка во рамки на проектот, со цел заедничко дејствување во насока на поддршка, мапирање и јакнење на потенцијалите на младите лица од ранливи категории на локално ниво.
Работилниците опфатија реализација на фокус група, преку која младите имаа можност да ги споделат своите ставови, потреби, предизвици и идеи поврзани со нивниот личен и професионален развој. Дополнително, учесниците беа вклучени во обуки за кариерно советување, изработка на бизнис план, како и обука од областа на личните финансии, со цел зајакнување на нивните вештини, знаења и можности за идно вработување и претприемништво.
Преку интерактивен пристап, дискусии и практични активности, младите добија поддршка и насоки за препознавање и развивање на сопствените потенцијали, како и за поактивно вклучување во општествениот и економскиот живот во заедницата. Ваквите активности претставуваат значаен чекор кон креирање инклузивни политики и мерки за поддршка на младите лица од ранливи категории, преку поттикнување на нивната едукација, вработливост и општествена интеграција.