10/06/2026
📍Реформата на јавната администрација не може да биде успешна доколку се спроведува исклучиво во институциите. Таа мора да се гради заедно со граѓаните, преку партнерство, транспарентност и активно учество во процесите на донесување политики. Токму ова беше централната порака што ја упати министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на четвртата регионална конференција „Граѓаните на прво место: Деценија на унапредување на јавна администрација насочена кон граѓаните“, која се одржува во Белград, по повод десет години од иницијативата WeBER во Западен Балкан.
🎯Конференцијата претставува значајна регионална платформа за размена на искуства и добри практики во реформата на јавната администрација, со учество на претставници на институциите, граѓанските организации, Европската Унија, ОЕЦД/СИГМА, ReSPA и други меѓународни партнери, посветени на создавање поотворени, потранспарентни и поефикасни институции во интерес на граѓаните.
➡️Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека суштината на реформите не е само во институционалните промени, туку во создавањето администрација која испорачува конкретни резултати и ја зајакнува довербата на јавноста.
🗣️„Успешната јавна администрација не се мери само преку донесени закони, стратегии и институционални промени. Таа се мери преку довербата на граѓаните, квалитетот на услугите што ги добиваат и нивното чувство дека се активен дел од процесите на донесување одлуки“ - истакна Минчев.
➡️Тој нагласи дека Владата и Министерството за јавна администрација спроведуваат сеопфатна реформска агенда која има за цел изградба на професионална, модерна и ефикасна јавна администрација.
Во таа насока, како особено значајни ги посочи новата законска рамка за административните службеници и вработените во јавниот сектор, законот за стручно усовршување и обука, како и законот за високата раководна служба, кој претставува историски чекор кон професионализација на највисоките раководни позиции во извршната власт.
📌Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на транспарентноста и инклузивноста во креирањето на јавните политики, истакнувајќи дека во подготовката на новите законски решенија уште од најраната фаза беа вклучени граѓанските организации, синдикатите, академската и експертската јавност, а истиот принцип се применува и при ревидирањето на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација.
🗣️„Граѓаните не смеат да бидат само корисници на јавните услуги. Тие треба да бидат активни партнери во нивното креирање, затоа што најдобрите политики се создаваат преку дијалог, партнерство и заедничка одговорност“ - посочи министерот Минчев.
✅Владата и Министерството за јавна администрација ќе продолжат да градат политики засновани на транспарентност, отчетност и партнерство со граѓаните, затоа што само на тој начин ќе може да се создадат институции што ќе испорачуваат резултати и ќе ја зајакнат довербата во јавниот сектор.