05/05/2026
👉По повод 5 Мај - денот на македонскиот јазик, Националната библиотека на Македонија 🇲🇰 одлучи пораката оваа година да ја напише професор д-р Гоце Цветановски:
Денеска, на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, не одбележуваме само датум, туку го славиме гласот што нè обликувал, зборот што нè создал, јазикот што нè направил тоа што сме. Испраќаме порака до сите Македонци, каде и да се, до сите што го носат македонскиот јазик во себе како мисла, како чувство, како идентитет.
5 Мај не е само спомен на кодификацијата од 1945 година. Овој ден е сведоштво за еден јазик што не настанал одеднаш, туку се раѓал низ вековите, се калел во историјата и опстојувал во духот на народот. Зашто јазикот не е создаден со одлука – тој се создава со живеење.
И не случајно Крсте Мисирков запишал: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право.“ Во таа мисла е содржана суштината на нашиот однос кон јазикот – не како кон средство, туку како кон завет.
Јазикот не е само комуникација. Тој е културна и духовна реалност. Тој е првата мисла што ја изговараме, првата приказна што ја слушаме, првата молитва што ја шепотиме. Во него се обликува личноста, во него се чува паметењето, преку него се продолжува постоењето.
Годинава, овој ден одѕвонува со особена сила. Одбележуваме 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1140 години од доаѓањето на Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски на македонска почва. Во нивната мисија е вградена една голема вистина: дека словото е светлина, дека писменоста е слобода, дека јазикот е пат кон духовната самобитност.
Оттаму започнува нашата јазична историја како свесен чин. Оттаму започнува нишката што не се прекинува.
Македонскиот јазик е жив архив на времето. Во секој негов збор има слоеви – од балканскиот супстрат и прасловенското наследство, преку старословенската традиција, до современиот израз. Тој е истовремено и корен и плод, и паметење и создавање. Тој не е изолиран, туку е дел од поширок јазичен и културен простор – словенски по потекло, балкански по развој.
И затоа, како што ќе каже Блаже Конески, јазикот не е само средство, туку „најсигурното прибежиште на народот“. Во него се враќаме кога сè друго се менува. Во него опстојуваме кога сè друго се доведува во прашање.
Но јазикот не живее сам по себе. Тој живее само ако ние го живееме. Да се грижиме за него значи не само да го чуваме, туку да го негуваме, да го развиваме, да го продлабочуваме. Да му овозможиме да биде јазик на науката, на уметноста, на образованието и на секојдневниот живот. Во тоа особена улога имаат институциите што го чуваат пишаното слово – библиотеките како храмови на знаењето и чувари на јазичната меморија.
Во таа смисла, и современите научни дела имаат особено значење. Излегувањето на првиот том од „Македонскиот етимолошки речник“ (А–Ж) претставува обид да се осветли токму таа длабочина на јазикот – неговото потекло, неговите слоеви и неговите патишта низ времето. Етимологијата нè учи дека зборовите не се само знаци, туку траги од животот, сведоштва за културни допири, за историски премини и за опстојување.
Но и надвор од науката, вистината останува иста: јазикот е жив само ако се зборува, ако се мисли, ако се создава.
Македонскиот јазик е наш духовен простор и наш заеднички дом. Во него се препознаваме, со него се именуваме, преку него ја градиме врската меѓу минатото и иднината. Тој е најстабилниот столб на нашиот идентитет и најдлабоката врска со нашата културна меморија.
Затоа, нека овој ден не биде само одбележување, туку потсетник. Потсетник дека јазикот е достоинство. Потсетник дека јазикот е наследство. Потсетник дека јазикот е одговорност.
Додека го чуваме, ќе нè чува.
Додека го создаваме, ќе траеме.
Нека ни е честит 5 Мај, Денот на македонскиот јазик!