08/06/2026
Државниот архив ја одбележува Архивската недела под слоганот „Архивите за правда: Архивите како активна сила за правдата, меморијата и иднината“.
Меѓународниот ден на архивите – 9 Јуни, се одбележува секоја година во чест на основањето на Меѓународниот совет на архивите (ICA) во 1948 година, под покровителство на УНЕСКО.
Годинава, Архивската недела се одржува од 8 до 12 јуни и го нагласува значењето на архивите како активни чинители во зачувувањето на колективната меморија, заштитата на правата и градењето на иднината.
Овогодинешното мото ја истакнува потребата архивите да бидат отворени, достапни и поврзани со заедницата, покажувајќи дека тие не се само чувари на минатото, туку и важен фактор во развојот на современото општество.
По повод Архивската недела, Државниот архив организира повеќе настани посветени на промоцијата на архивското наследство.
На 9 јуни во 12 часот во НУ Музеј на тетовскиот крај - Тетово, ќе се одржат промоција на книга и изложба посветени на османлискиот период во Македонија и
на 10 јуни во 12 часот во НУЦК Трајко Прокопиев - Куманово, ќе биде промовирано јубилејното издание „Државниот архив – столб на македонското битие“, проследено со изложба по повод јубилејот на Државниот архив.