27/05/2026
За поефикасно и поодговорно управување со јавните финансии неопходни се силна регионална соработка и заедничко делување на врховните ревизорски институции. Таквата соработка е клучна за унапредување на надзорот врз користењето на јавните средства, како и за зајакнување на транспарентноста и отчетноста.
Дополнително, заедничките ревизии насочени кон остварување на Целите за одржлив развој придонесуваат за градење посилни институции и поефикасна борба против корупцијата.
Во Домот на Народното собрание во Белград се одржа дводневниот стручен настан „Стратешки дијалог на врховните ревизорски институции за заеднички ревизии во однос на Целите за одржлив развој“, на кој учествуваа претставници на врховните ревизорски институции од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора и Србија, како и претставници од Амбасадата на Република Словачка во Белград.
„Активностите во рамките на проектот „Паметно финансирање за одговорно локално управување“ претставуваат значајна можност за соработка и размена на знаења меѓу ревизорските институции. Паралелните ревизии овозможуваат меѓусебно учење, подготовка на поквалитетни ревизорски извештаи и создавање додадена вредност за граѓаните“, истакна м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор.
Проектот „Паметно финансирање за одговорно локално управување“ го спроведуваат Регионалниот центар на УНДП во Истанбул, УНДП во Македонија и канцелариите на УНДП во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија, со финансиска поддршка од Министерството за финансии на Република Словачка, во рамки на проектот „Јавни и приватни финансии за развој“.
Државниот завод за ревизија изразува благодарност на UNDP за континуираната поддршка.