01/10/2024
Согласно член 34 од Статутот на Либерално-демократска партија од месец Декември 2022 година, како највисок орган на Партијата помеѓу две Собранија, Ви поднесуваме жалба на одлуката за распуштање на Општинските Организации на ЛДП Центар, Аеродром, Кисела Вода и Прилеп, за која сметаме дека е донесена тенденциозно и спротивно на членови од овој Статут.
Во член 15 од Статутот на ЛДП стои дека „Органите на општинската организација и Градската организација на ЛДП, можат да бидат распуштени со одлука на Централен одбор, ако ДЕЈСТВУВААТ СПРОТИВНО НА СТАТУТОТ И ПРОГРАМАТА НА ЛДП.
Членовите на нестатутарно распуштените Општински организации зедоа активно учество во кампањата за парламентарните избори 2024 година. Имаше поедини членови од ОО кои не се согласуваа со начинот на водење на кампања и организирање на активности и истите своето незадоволство можеби го искажале преку пасивизирање, односно не учество во поедини активности, но потенцираме дека станува збор за поединци, а не за цели Општински Организации, а ова може да се потврди и докаже и од самите слики од активностите за време на кампањата.
За време на седницата на Централниот одбор не се изнесе ниту еден доказ дека Општинските организации од Центар, Аеродром, Кисела вода и Прилеп дејствувале спротивно на Статутот ниту спротивно на Програмата на ЛДП. Не е прекршен ниту еден член од Статутот, ниту пак било која општинска организација дејствувала спротивно на програмата на ЛДП.
Доколку раководството на партијата имало докази за поедини членови, тогаш можело согласно член 12 од Статутот на ЛДП да поведе постапка и да донесе одлука за престанок на членство во ЛДП, согласно точките дадени во член 12 од Статутот.
Имено во член 38 се дефинирани права, должности и одговорности на Централниот одбор каде во ниту една точка не стои распуштање на Општинска организација, нема критериум и процедура врз основа на која би се донела ваква одлука.
Сметаме дека оваа одлука е донесена тенденциозно, со цел елиминирање на поединци, членови од поедини Општински Организации или цели општински организации кои не се согласуваат со политиките на сегашното раководство. Таквиот начин на отстранување на членовите на партијата, кои не се согласуваат со политиките на актуелното раководство, не е ниту демократски ниту либерален начин на водење на партијата и наликува на делувањето на тоталитарни и антидемократски партии како што беше обвинета Левица, а не на модерна проевропска партија.
Како единствен аргумент за распуштање на општинските организации беше наведено дека членови од раководствата на распуштените општински организации не биле активно вклучено во активностите за време на кампањата за парламентарните избори 2024, што е целосна лага која се демантира од самите слики од кампањата, каде раководствата се активно вклучени во кампањата, при отворањето на штабови, делењето флаери од вратат на врата, учество во активностите на кандидатите.
Исто така со груби лаги и измислици, без да се изврши разговор со поедини членови, истите се обвинети дека наводно биле забележани во изборните штабови на ВМРО, без при тоа да се изнесат материјални докази за тоа, кој ги видел, кога ги видел, без воопшто да се прашаат дали е
тоа точно, туку само со лажни измислени клеветења и методи на елиминирање кои се користеле од службите за време на комунизмот, истите се отстранети и направен е обид да се укинат најсилните општински организации и нивните раководства, кои за време на кампањата за локалните избори го понесоа најголемиот товар и го обелија лицето на партијата во Скопје и во Прилеп со остварување на најдобри резултати во Скопје и одличен резултат во Прилеп.
Се поставува прашањето зошто се распуштени и обвинети едни од најсилните општинските организации на партијата, кога денес раководството размислува за промена на политичкиот курс?
На Централниот одбор одржан по изборите, наместо главна точка да биде анализа на изборните резултати и оттука понесување на одговорност и оставка на претседателката што е нормален чин при ваков катастрофален пораз, тие на манипулативен начин го свртија вниманието и најдоа виновници во општинските организации, вешто избегнувајќи расправа за нивната одговорност, лоша стратегија и проценки и на тој начин избегнаа дискусија за понесување на оставка од нејзина страна.
Затоа раководствата на нестатутарно распуштените Општински организации на Центар, Аеродром, Кисела Вода и Прилеп бараат оваа нестатутарна одлука донесена од Централниот одбор да се отповика и да се постапува согласно Статутот на ЛДП.
Исто така, доколку Централниот одбор не ја поништи одлуката за распуштање на општинските организации, бараме од Централниот одбор да свика седница на Собранието, каде Собранието согласно, член 32, став 1, алинеја 12, каде пишува дека Собранието "решава по жалбите и приговорите на членовите на Партијата", бараме да решава по оваа наша жалбата што ние и како членови на партијата ја поднесуваме и до Собранието на ЛДП, доколку Централниот одбор не постапи по Статутот на ЛДП и не ја отповика одлуката за распуштање на општинските организации.
Доколку ова наше барање не се прифати од страна на Централниот одбор, ќе бараме поддршка и солидарност и од останатите општински организации, бидејќи денес, ние сме жртва на самоволието на раководството на ЛДП, а утре сигурно ќе бидат тие.