18/09/2026
Сани повеќе од три години го гледа светот низ решетки.
Три години ја добива истата нега, храна, ветеринарна грижа и внимание како и сите други кучиња кај нас. Нашиот тим секојдневно се труди да ѝ даде љубов и чувство дека не е сама. Но за Сани тоа веќе не е доволно.
Прифатилиштето може да ја заштити од улицата, да ја нахрани и да се грижи за нејзиното здравје, но не може да ѝ го замени домот. Не може да ѝ подари човек што ќе биде само нејзин. Не може да ги надомести годините поминати во бокс.
Сани веќе не се радува кога некој ќе ѝ пријде. Не мавта со опашката како порано. Само бесцелно кружи низ просторот во кој помина предолг дел од својот живот. Нејзиниот дух полека се крши пред нашите очи.
Вака изгледа последицата од човечката неодговорност. Некој лесно се откажал од својата обврска, а Сани ја плаќа цената секој ден — три години по ред. Додека луѓето продолжуваат да напуштаат, да не стерилизираат и неодговорно да размножуваат кучиња, вакви погледи ќе има сè повеќе.
Сани не бара многу. Бара само некој конечно да ја забележи и да ѝ покаже дека животот не мора да заврши зад решетки.
Вдомете ја Сани. Додека во неа сè уште има надеж што може да се спаси. 💔