13/06/2025
НА ДЕНЕШЕН ДЕН ЗАГИНА КОЧО (КОСТА СОЛЕВ) РАЦИН
✍️ На денешен ден, 13 јуни во 1943 година на планината Лопушник под “неразјаснети околности” е убиен поетот, интелектуалец, партизан Кочо Рацин.
Вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Според податоците кои ги наведува Перо Коробар, при тоа Рацин бил на триесетина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата.
Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен. Посмртните останки на поетот денес се наоѓаат во Спомен-костурницата во Велес, каде се наоѓаат и посмртните останки од неговите загинати соборци и другари. Повеќе пати до денес се предложила и разгледала идејата Кочо Рацин да биде погребан во засебен гроб во центарот на Велес.
*****
Кочо Рацин е роден во 1908 година, во Велес. Уште во детството ја запознава сиромаштијата и веќе во својата тринаесетта година бил присилен да му се посвети целосно на татковиот грнчарски занает.
Во 1924 година Рацин станува член на СКЈ и набрзо се истакнува како еден од најнадежните млади кадри на Комунистичката партија на Југославија во Македонија.
Во 1926 година станува и член на Месниот комитет на СКОЈ за Велес. Истовремено е активен и во Синдикатот.
Во ноември 1928 година учествува во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, како единствен делегат од Македонија. По враќањето во Југославија е уапсен, но по три месеци поради недостиг на докази е пуштен на слобода.
На 5 мај 1943 година Рацин тргнува од Скопје во партизани, по што станува и уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат” и подготвува две збирки на македонски народноослободителни песни.
Кочо Рацин е поет на револуцијата. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата со својата стихозбирка „Бели мугри“, објавена во Загреб, во 1939 год. и напишана на македонски јазик и македонска азбука, 6 години пред официјализирањето на заседането на АСНОМ, што јасно говори за постоење на македонска самосвест, јазик, азбука и култура.
***
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е,
братски срце што отвора,
срце - порта наjвисока,
срце - куќа наjширока.
(стихови од песната ,,Татунчо")