02/05/2026
ПСИХИЧКОТО ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО: ТИВКА ЕПИДЕМИЈА МЕЃУ ДЕЦАТА
Во продолжение следува фејсбук статусот на советничката од Левица во Советот на Општина Охрид, В. Аврамоска:
Секогаш коментираме за она што го гледаме на социјалните мрежи. Конечно некоја институција, МВР, реагираше на физичко врсничко насилство. Но, иако не е секогаш видливо, во училиштата постои и психичко врсничко насилство, отфрлање на ученици поради нивната социјална припадност, исмејување поради нечиј проблем, понижување и омаловажување, како и потсмев кон деца што не пушат, не пијат алкохол и не користат дрога.
Психичкото насилство, исто како и физичкото, остава сериозни последици кај децата. Многу ученици се приморани да посетуваат психолог или психијатар, молат да не одат на училиште, а дел од нив се соочуваат и со најтешки психолошки последици.
Секако, одговорност сносат и сите вработени во училиштата кои го забележале овој вид насилство, а не реагирале. Училиштето одамна не смее да биде само место за формално образование, туку и простор каде што децата ќе се чувствуваат безбедно, прифатено и заштитено.
Воспитувањето започнува уште од најраното детство, во семејството. Родителите се првите примери и првите авторитети во животот на детето. Во минатото постоеја појасни граници, дисциплина и чувство на почит, и во семејството и во училиштето. Денес, за жал, сè почесто сме сведоци на отуѓување, недостаток на комуникација и занемарување на воспитната улога.
Државата не смее да остане нем набљудувач. Потребни се посериозни мерки, поголема одговорност од институциите, психолошка поддршка во училиштата и јасни механизми за заштита на децата. Не е доволно само да се реагира по инцидентите – потребна е превенција.
Родители, не молчете. Денес можеби не е вашето дете, но утре жртвата може да биде нечие друго, а задутре и нашето. Сите деца заслужуваат безбедно детство, почит и поддршка.
Контролирајте што прават децата на социјалните мрежи. Понекогаш токму таму се гледаат првите знаци дека едно дете е жртва или насилник.