ПОДЕМ е израз и олицетворение на идејата, тежнението и практичното однесување на голем број политички профилирани и со својот авторитет и морален кредибилитет потврдени граѓани на Македонија, неоптоварени од култот на личноста и посветени на авторитетот на организацијата. ПОДЕМ е политички субјект и средина во која граѓаните на Македонија, без оглед на нивната етничка, верска, стручна, социјална и
ли која било друга припадност, ги обединуваат своите индивидуални способности и одговорности, чувството за припадност кон заедницата и изградената социјална и политичка одговорност, способност и подготвеност да понудат и изградат нова политичка алтернатива во справувањето со предизвиците на подемот во развојот на македонското општество и држава.
Идејата за основање на Партијата на обединетите демократи на Македонија произлезе од непомирливоста со стагнациските состојби на македонската демократија, посебно во македонската политичка левица и е плод и резултат на заложбите за изградба на Македонија како современа демократска држава со општество во чија основа се вградени принципите на слободата, еднаквоста и рамноправноста, солидарноста, правдата, човековите права и сите други вредносни компоненти на демократијата. Зародишот на оваа идеја се лоцира во почетокот на јуни 2008 година, а нејзиното опредметување доби потврда на Основачкото собрание на Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ, што се одржа на Петровден, на 12 јули 2008 година во Прилеп.
За цврстината на одлучноста и за неповторливиот елан во остварувањето на идејата за заживување и дејствување на Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ, зборува самиот нејзин почеток. Веднаш по Основачкото собрание, само за 1 ден беа собрани 1007 писмени изјави на основачи на ПОДЕМ, со што беше задоволен законскиот минимум за регистрирање на политичка партија од 1000 основачи – полнолетни граѓани на Република Македонија, како што тоа се бара во член 11 од Законот за политички партии. Врз основа на ова и на другите неопходни документи, дефинирани во член 18 од Законот за политички партии беа основата врз која надлежниот Основен суд Скопје 2 на 29 јули 2008 година донесе Решение Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ да стекна својство на правно лице и право да може да започне со својата активност и работа.
Продолжувајќи во духот на Основачкото собрание на ПОДЕМ, на 02 август 2008 година, во чест на најголемиот македонски празник Илинден и прославата на 10 дена Крушевска Република, во Крушево беше формирана првата Општинска организација на Партијата. Симболиката на денот на формирањето на првата Општинска организација на ПОДЕМ - токму на Илинден и токму во Крушево, го отсликува духот на партијата. Како што е Илинден аманет за сите генерации дека желбата за слобода е посилна од сé и дека нашиот народ нема да дозволи ропство и неправда од ниеден вид, така и ние во ПОДЕМ испраќаме порака дека тој дух го има во редовите на нашата партија. Илинденците се бореа со пушки за слобода, ние ќе се бориме со сиот интелект кој го собравме во нашата партија да ја изградиме Република Македонија во држава која ќе понуди најдобар квалитет на животот за секој наш граѓанин. Тоа го правиме и ќе го правиме преку реафирмирање на хуманите вредности и демократските принципи во нашето општество.
Програмата на Партијата на Обединети Демократи на Македонија – ПОДЕМ нуди негување на социјалните добра, културните вредности и придобивки на Македонија, фокусирајќи се на развојот и реализирањето на слободата на индивидуата, развојот на општетвото, економскиот раст и благосостојба.
ПОДЕМ нуди една нова политичка практика: да комуницира визија за подобро утре, да развива и нуди капацитети за решенија, да ги отвори своите врати за соработка.
Еднаквоста, слободата, солидарноста, правдата, човековите права и слободи, како вредносни компоненти надемократијата, ја сочинуваат основната вредносна профилираност на ПОДЕМ. Затоа ПОДЕМ своите политички и човечки капацитети ги става во функција на реафирмирање на хуманите вредности, на зајакнување на партиципативното и демократско општество, на промоцијата, заштитата и реализацијата на социјалните потреби и интереси на сите граѓани на Македонија. Ние, членовите на ПОДЕМ сме против било каква поделба на граѓаните на Република Македонија, се стремиме кон градење на вистинско мултикултурно и мултиетничко општество во унитарна Македонија.
Ние во ПОДЕМ сме обединети и околу социјалната димензија на одговорноста, солидарноста, еднаквоста и сигурноста на граѓаните во пристапот до општествените добра. Нашиот стремеж е да изградиме држава која ќе понуди најдобар квалитет на животот за секого, независно од социјалната, економската или културната припадност; ние се залагаме за држава која ќе се темели на афирмирање на трудот и творештвото и на резултатите од нив, за држава и власт која ќе ја почитува улогата на капиталот, но и ќе се грижи за неопходната стапка на солидарност со обесправените во општеството.
Ние во ПОДЕМ сме уверени дека знаењето и културата даваат можности за развој и проширување на перспективите и дека тие ги реализираат идеите и креативноста на луѓето. Ова е ослободувачка сила и одлучувачка противтежа на амбицијата на економските и социјалните елити да управуваат со нашето размислување.
Ги поддржуваме и охрабруваме граѓаните на Република Македонија во одлуката обединети да бидеме посилни, затоа што заедно во ПОДЕМ можеме повеќе.