Општина Кочани

Општина Кочани Contact information, map and directions, contact form, opening hours, services, ratings, photos, videos and announcements from Општина Кочани, City Hall, Rade Kratovche 1, Kocani.

Љубителите на книгата во Кочани ќе имаат можност да уживаат во богат избор на книжевни изданија од издавачката куќа „Ант...
12/06/2026

Љубителите на книгата во Кочани ќе имаат можност да уживаат во богат избор на книжевни изданија од издавачката куќа „Антолог“, преку Книжарницата на тркала.

Настанот ќе се одржи на 18 јуни 2026 година (четврток), во периодот од 10 до 21 часот, во Трговскиот центар во Кочани.
Книжарницата на тркала на „Антолог“ овозможува книгите да стигнат поблиску до читателите и да создадат простор за средба со литературата надвор од традиционалните книжарници.

Посетителите ќе можат да разгледаат различни наслови, да откријат нови автори и да го почувствуваат духот на патувачката книжарница.

На 18 јуни 2026 година, (четврток), со почеток во 12 часот, Советот на Општина Кочани ќе ја одржи 15. седница. На предло...
12/06/2026

На 18 јуни 2026 година, (четврток), со почеток во 12 часот, Советот на Општина Кочани ќе ја одржи 15. седница. На предлог-дневниот ред се следниве точки:
1. Информација за состојбата со боровиот четник на подрачјето на општина Кочани
2. Информација за состојбата на општинската патна мрежа на подрачјето на општина Кочани
3. Годишен план за вработување во ООУ „Малина Попиванова“ – Кочани за 2027 година
4. Годишен план за вработување во ООУ „Раде Кратовче“ – Кочани за 2027 година
5. Годишен план за вработување во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани за 2027 година
6. Годишен план за вработување во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – с. Оризари – Кочани за 2027 година
7. Годишен план за вработување во ОМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани за 2027 година
8. Годишен план за вработување во ООУ „Никола Карев“ – Кочани за 2027 година
9. Годишен план за вработување во СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани за 2027 година
10. Годишен план за вработување во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани за 2027 година
11. Годишен план за вработување во ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани за 2027 година
12. Стратегиска рамка за економско јакнење на жените на локално ниво, 2026 – 2030, Општина Кочани
13. Предлог-програма за изменување на Програмата за јавна чистота на општина Кочани за 2026 година
14. Барање туторска поддршка на ученици Роми од одделенска настава и обезбедување на финансиски средства од Буџетот на Општина Кочани
15. Информација за состојбата и статусот на фудбалското игралиште во с. Оризари – Кочани
16. Давање согласност на договор за донација од Амбасадата на Република Полска.

Седницата ќе се одржи во салата на катот во Мултикултурниот центар.

Со велосипедска дружба на најмладите, денеска во Кочани беше пуштен во употреба Детскиот велодром,  изграден со донација...
12/06/2026

Со велосипедска дружба на најмладите, денеска во Кочани беше пуштен во употреба Детскиот велодром, изграден со донација од Стопанска банка.

Во присуство на градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов и директори од Стопанска банка, беше промовиран преуредениот парк во велодром во населбата Калиманова Глава во Кочани.

Градоначалникот Грозданов изрази голема благодарност до Стопанска банка, до нејзиниот борд на директори за донацијата, ажурноста во изведбата и резултатот од неа.

– Во најавениот рок за изградба добивме прекрасен простор за забава и рекреација на најмладите, по европски стандарди, со модерен лик, со вертикална и хоризонтална сигнализација. Направени се сите технички и структурни промени на просторот за да можат децата да ги усовршуваат велосипедските вештини – истакна градоначалникот Грозданов.

Татјана Калајџиева, менаџер во Стопанска банка, го изрази задоволството од изградбата на велодромот – место што ќе донесе радост, игра и здрави навики за најмладите во Кочани.

– Оваа донација е дел од нашата долгорочна посветеност кон општествената одговорност, којашто Стопанска банка ја негува повеќе децении. Веруваме дека вистинската улога на една финансиска институција не е само економскиот развој, туку и вложувањето во луѓето и во заедницата – изјави Калајџиева.

На настанот беше организирана наградна игра за децата што учествуваа во промоцијата на велодромот.

https://kocani.gov.mk/%d0%bf%d1%83%d1%88%d1%82%d0%b5%d0%bd-%d0%b2%d0%be-%d1%83%d0%bf%d0%be%d1%82%d1%80%d0%b5%d0%b1%d0%b0-%d0%b4%d0%b5%d1%82%d1%81%d0%ba%d0%b8%d0%be%d1%82-%d0%b2%d0%b5%d0%bb%d0%be%d0%b4%d1%80%d0%be%d0%bc/

В сабота,  13 јуни 2026 година, со почеток од 17 ч., во училишниот двор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани, ќе се одржи спор...
12/06/2026

В сабота, 13 јуни 2026 година, со почеток од 17 ч., во училишниот двор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани, ќе се одржи спортскиот настан „Women Power Cup 2026“.

Во организација на „Грин хаб“ од Кочани, а со поддршка од Општина Кочани и повеќе стопански субјекти, настанот има цел да ги промовира спортот, здравите животни навики, женското учество во спортот и активното вклучување на младите во спортски и рекреативни активности.

Во рамките на настанот ќе се реализираат натпревари во баскет 3 х 3, фитнес, а се планирани активности за посетителите – за најмалите, за лица со попреченост и забава за публиката. На настанот се очекува учество на натпреварувачи од повеќе градови во државата, меѓу кои се и познати кошаркарски репрезентативци.

Организацискиот тим ги повикува граѓаните да се вклучат и заеднички да придонесат во промоцијата на спортските активности, со што ќе дадат поддршка на значењето на спортот за локалната заедница.

https://kocani.gov.mk/%d0%bd%d0%b0-13-%d1%98%d1%83%d0%bd%d0%b8-women-power-cup-2026-%d1%81%d0%bf%d0%be%d1%80%d1%82%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d0%b0%d0%ba%d1%82%d0%b8%d0%b2%d0%bd%d0%be%d1%81/

Во Амбасадата на Република Полска во Скопје, на 11 јуни 2026 година, беше потпишан договор за реализација на развоен про...
11/06/2026

Во Амбасадата на Република Полска во Скопје, на 11 јуни 2026 година, беше потпишан договор за реализација на развоен проект финансиран од средствата на Одделот за развојна соработка при Министерството за надворешни работи на Република Полска. Со овој проект ќе се обезбеди современа медицинска опрема за Гинеколошкото одделение во Општата болница во Кочани, во вкупна вредност од 48.000 евра.

Договорот го потпишаа вршителот на должноста амбасадор на Република Полска во Република Северна Македонија, Мариуш Бримора, и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов.

Општина Кочани изразува искрена благодарност до Република Полска, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Полска за укажаната поддршка, солидарност и доверба. Оваа донација претставува значаен придонес за унапредување на здравствените услуги и подобрување на условите за лекување на граѓаните од Кочани и целиот Источен регион.

Во рамки на проектот ќе биде набавена современа медицинска опрема за Гинеколошкото одделение, која по нејзината набавка Општина Кочани ќе ѝ ја предаде на Општата болница – Кочани. Со оваа инвестиција ќе се подобрат условите за работа на медицинскиот персонал и ќе се овозможи поквалитетна здравствена грижа за пациентите.

Поддршката има особено значење за нашата заедница, која во изминатиот период се соочи со големи предизвици. Хуманоста и пријателството што Република Полска ги покажа кон граѓаните на Кочани, како непосредно по трагичниот настан во март 2025 година, така и преку оваа развојна помош, претставуваат силна потврда за искреното партнерство и соработка меѓу двете земји.

Општина Кочани останува посветена на понатамошно продлабочување на соработката со Република Полска и со сите меѓународни партнери кои придонесуваат за развојот на локалната заедница и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

Се известуваат жителите од Источниот и Североисточниот Плански  Регион и општините вклучени во нив (Берово, Чешиново-Обл...
10/06/2026

Се известуваат жителите од Источниот и Североисточниот Плански Регион и општините вклучени во нив (Берово, Чешиново-Облешево, Делчево, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Штип, Виница, Зрновци, Свети Николе, Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Крива Паланка и Ранковце), дека во рамките на проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот Регион“ (NEAR/SKP/2022/EA-RP/0137), финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), се подготвени Нацрт-регионален план за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот Регион и Нацрт-извештај за стратегиска оцена на животната средина од спроведување на Планот.

В четврток, 11 јуни 2026 година, со почеток во 11 часот, во салата на Советот на Општина Виница, ќе се одржи јавна расправа за Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина од спроведување на Регионалниот план за управување на отпад за Источниот и Североисточниот Регион.

Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина и резимето од Планот се достапни на веб-страниците на Центрите за развој на Источниот и на Североисточниот Плански Регион и на општините што им припаѓаат, а печатена верзија е достапна во соодветните канцеларии на центрите и на општините.

https://kocani.gov.mk/%d0%bd%d0%b0-11-%d1%98%d1%83%d0%bd%d0%b8-%d0%b2%d0%be-%d0%b2%d0%b8%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b0-%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%bd%d0%b0-%d1%80%d0%b0%d1%81%d0%bf%d1%80%d0%b0%d0%b2%d0%b0-%d0%bf%d0%be-%d0%bd/

На првиот кат во Етнокуќата во Кочани синоќа беше отворена изложба на изработките од обуката за ткаење на вертикален раз...
06/06/2026

На првиот кат во Етнокуќата во Кочани синоќа беше отворена изложба на изработките од обуката за ткаење на вертикален разбој, реализирана пролетва од Здружението „Синтезис“ и Општина Кочани.

Во витрините на Етнокуќата беа изложени и ткаени, платени, везени и шиени предмети позајмени од кочанци, сведоштво на богатата локална етнолошка ризница, но и нови изработки со современ уметнички израз.

Пред многубројната публика, учесничките во обуката и креаторките на изложбата ги истакнаа придобивките од ткаењето на вертикален разбој како арт-терапија, можностите за жените да ја јакнат економската моќ со нови вештини, како и спојот на традиционалните елементи во актуелното живеење. Исто така беше потенцирано значењето на циркуларната економија и заштитата на животната средина, со што на неупотребливите текстилни производи им се дава нов живот.

Во обуката за ткаење на вертикален развој, што се реализираше под менторство на Лилјана Гоцевска, беа вклучени десетина жени и девојки од Кочани на различна возраст.

На 5 јуни, по повод Светскиот ден за заштита на животната средина, компанијата Амфенол технолоџи Македонија изведе екоак...
06/06/2026

На 5 јуни, по повод Светскиот ден за заштита на животната средина, компанијата Амфенол технолоџи Македонија изведе екоакција во Кочани, на потегот од Железничката станица, зад пругата и дел од дворот на ООУ „Никола Карев“, до маркетот Кипер.

– Овој ден потсетува дека грижата за животната средина не е обврска само на поединци или институции, туку заедничка одговорност на сите нас. Им благодариме на сите учесници и поддржувачи кои дадоа свој придонес и покажаа дека со заедничка акција можеме да направиме позитивна промена – истакнаа од компанијата Амфенол технолоџи Македонија.

Екоакцијата беше реализирана со поддршка од Општина Кочани.

Со оддавање почит на ликот и делото на Ристо Јуруков – основач и долгогодишен наставник по музика, Општинското основно м...
05/06/2026

Со оддавање почит на ликот и делото на Ристо Јуруков – основач и долгогодишен наставник по музика, Општинското основно музичко училиште „Ристо Јуруков“ во Кочани го одбележа својот патронен празник и значајниот јубилеј – 70 години од своето постоење.

По тој повод, пред бистата на Ристо Јуруков беше положено свежо цвеќе од делегација на Општина Кочани, ученици и од неговото семејство. Присутните се потсетија на придонесот што Јуруков го дал за развојот на музичкото образование во Кочани и за создавањето генерации млади музичари.

Во рамки на свеченоста, на поранешни и актуелни наставници им беа доделени плакети во знак на благодарност и признание за нивната посветеност и придонес во развојот на училиштето низ децениите.

Обраќајќи се пред присутните, директорката Марија Лазарова истакна дека седумдецениската традиција претставува обврска, но и поттик за понатамошен развој на музичкото образование.

Со цел да се подобри јавната свест за значењето на рециклирањето и одговорното управување со отпадот, а по повод 5 Јуни ...
05/06/2026

Со цел да се подобри јавната свест за значењето на рециклирањето и одговорното управување со отпадот, а по повод 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина, во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Кочани се реализираше акција за селекција и собирање текстилен отпад.

Во организација на Општина Кочани, ученици, наставници, граѓани и претставници на Здружението „Синтезис“ од Кочани го наполнија контејнерот за текстилен отпад, кој веднаш потоа беше преземан и транспортиран од постапувачот „Екотекс груп“.

Љубица Теодосиева, наставничка во ОУ „Свети Кирил и Методиј“, истакна дека Светскиот ден на животната средина секоја година потсетува на потребата од заеднички активности за зачувување на природата и намалување на негативното влијание врз животната средина, додавајќи дека „Свети Кирил и Методиј“ е училиште коешто е двигател на општествените промени.

– Сметам дека имавме успешна акција за собирање текстилен отпад, отпад што за среќа нема да заврши на несоодветни места, туку ќе добие можност повторно да се рециклира и да има нова употреба – рече Даниел Стојанов, раководител на Одделението за комунални работи во Општина Кочани, кој ја истакна добрата соработка со компанијата што постапува со текстилниот отпад и ги повика граѓаните текстилниот отпад да не го мешаат со другите видови отпад.

Кристина Димитрова, од Здружението „Синтезис“ соопшти дека акцијата е дел од поголемиот проект насловен „Ракотворница“, во чии рамки изминативе два месеца во „Етнокуќата“ се реализираше обука за ткаење од материјали од облека и ткаенини коишто повеќе не се употребуваат, а преку процесот добија нова форма и вредност.

Од април оваа година, во Кочани се поставени контејнери за текстилен отпад на 10 локации, во училиштата и во четири објекти на Детската градинка „Павлина Велјанова“. Надлежните најавија дека наскоро ќе биде поставен контејнер за текстилен отпад на уште една јавна локација во градот.

Address

Rade Kratovche 1
Kocani
2300

Opening Hours

Monday 07:30 - 03:30
Tuesday 07:30 - 15:30
Wednesday 07:30 - 15:30
Thursday 07:30 - 15:30
Friday 07:30 - 15:30

Alerts

Be the first to know and let us send you an email when Општина Кочани posts news and promotions. Your email address will not be used for any other purpose, and you can unsubscribe at any time.

Contact The Organization

Send a message to Општина Кочани:

Share

Category