14/10/2025
Почитувани сограѓани,
Во врска со наводите изнесени од политичката партија Левица за наводен криминал во постапката за јавна набавка на ,,Поправка и сервисирање на возила", во ЈПКР „Услуга“, сакам да ја известам јавноста дека станува збор за договор за одржување и поправка на возила.
Со оваа постапка не се набавуваат однапред делови, туку се предвидуваат сите можни позиции кои би можеле да бидат потребни во текот на користењето на возилата, во случај на дефект или потреба од замена.
Со оглед на природата на дејноста на претпријатието, постои можност одреден дел да се замени и повеќе пати во текот на годината, поради што во тендерската спецификација се вклучуваат сите потенцијални ставки — што, секако, не значи дека сите ќе бидат набавени или исплатени.
За илустрација, во текот на 2024/2025 година од вкупно предвидените средства 1.870.011,00 денари беа потрошени 1.094.000,00 денари. Сумата се однесува за поправка и сервисирање на вкупно 13 возила, за цела година, што јасно ја потврдува транспарентноста и законитоста на работењето.
Сите договори и извештаи за реализирани средства се достапни за јавноста и за надлежните институции на Електронскиот систем за јавни набавки ЕСЈН.
Воедно потсетувам дека со кандидатот на Левица потпишавме Кодекс за фер и демократски избори и ваквите невистинити наводи претставуваат обид за манипулација на јавноста и политичка дискредитација.
Го повикувам кандидатот на Левица, јавно да се извини за ширење невистини и за нанесената штета врз угледот на ЈПКР „Услуга“ и вработените во претпријатието кои чесно и посветено ја извршуваат својата работа. Во спротивно ќе бидеме принудени да поведеме соодветна постапка пред надлежни органи.
#ЛевицаБерово