24/11/2025
Учество на Проф. Д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Р. Северна Македонија на Конференцијата за европска економска интеграција (CEEI 2025) - Финансиската иднина на ЈИЕ (CESEE): финансирање на растот и иновациите, во Виена, во организација на народната банка на Австрија.
Констатирајќи дека Европа во актуелниот моментум се соочува со повеќе предизвици, вклучувајќи ја економската фрагментација и послабите економски перформанси на главните трговски партнери, на Конференцијата, меѓу другото, се дебатираше за тоа, кои инфраструктурни и регулаторни реформи се потребни за развој на пазарите на капитал, кои финансиски системи се потребни за поддршка на идниот раст, иновациите и конвергенцијата.
Гувернерот Славески говореше на Панелот на Гувернери, на теми: Статус кво на пазарите на капитал во ЈИЕ; Колку се важни прекуграничните иницијативи и соработка; Каква улога играат финтек иновациите; Кои се потенцијалните импликации за финансиската стабилност. Во своето обраќање, меѓу другото, гувернерот Славески истакна дека македонските банки активно инвестираат во дигитализацијата, вклучувајќи биометриска идентификација, технологии во облак и вештачка интелигенција, а соработката со финтек-компаниите расте. Народната банка работи и на регулативни мерки за заштита од онлајн измами и од злоупотреба на личните податоци, како и на подигање на финансиската и дигиталната писменост.