04/16/2026
Пепел од „Европскиот“ план: Скопје се дави во отпадот на инстицуионалната негрижа
Прв дел:
„Зелените од Гази Баба“ со години предупредуваша на опасностите од игнорирањето на плановите за управување со отпад. Девет години по донесувањето на Регионалниот план за управување со отпад (Скопски регион, 2016), финансиран од Европската Унија, сведоци сме на институционална негрижа чии последици буквално го гушат градот. Пожарите на „Вардариште“ и „Дрисла“ се мрачен епилог на едно системско непостапување. Во овој блог пост, на професионален, ги оценуваме мерките што требаше да бидат преземени – а не беа – и нудиме препораки за итни чекори за да се избегнат идни катастрофи.
РЕГИОНАЛЕН ПЛАН НА ХАРТИЈА – ЃУБРЕ НА УЛИЦИ
Регионалниот план за управување со отпад за Скопскиот регион од 2016 година беше поздравен како визионерски документ поддржан од ЕУ средства. Предвидуваше модернизација на системот за отпад преку низа конкретни мерки: воведување систем со две канти за примарна селекција на отпад, зголемено рециклирање, воспоставување центри за селекција и компостирање, затворање и санација на дивите депонии, и ремедијација на загадените локации. Звучи одлично на хартија, нели? Но, како што цинично би прокоментирале, тој план најверојатно останал “пуста желба“ – додека Скопје постепено се претвори во отворена депонија.
Властите на Град Скопје и скопските општини успеаја во речиси неверојатната задача ништо од ова да не реализираат. Наместо интегриран систем, имаме статус кво: ѓубрето продолжува да се собира измешано и да завршува на депонија, дивите депонии си растат необезбедени, а загадените локалитети си чекаат „подобри времиња“ за санација. Европа ни подари план и пари, нашите институции возвратија со апатија и изговори. Доволно цинично, можеби ќе требаше да го фрлат самиот план во оган – барем да послужи како гориво, штом не послужи како водич.
Две канти и селекција: ветувања во контејнерот за хартија
Еден од столбовите на планот беше воведувањето на двоконтенјерски систем – по една канта/контејнер за сува фракција (рециклирани материјали) и една за влажна фракција (органски и друг отпад). Овој систем требаше да ги обврзе граѓаните да селектираат отпад уште во домовите, раздвојувајќи ја хартијата, пластиката, стаклото од биоразградливиот отпад. Идејата беше амбициозна, но и остварлива – доволно беше општините да набават двоен број канти, да организираат одвоз и да спроведат кампањи за едукација. Што од тоа е реализирано? Практично ништо. Во 2025 година Скопје сè уште нема функционална примарна селекција; целиот комунален отпад завршува во исти камиони и на иста депонија - измешан, како во минатиот век. Експертите одамна алармираат дека немаме функционална примарна ни секундарна селекција, што резултира само со 1–2% рециклиран отпад – срамно ниска стапка, додека целиот остаток завршува на депонија. Наместо европски 50%, ние едвај рециклираме трошки од нашиот ѓубре. Две канти? Нам ни е луксуз и една да се испразни навреме.
Цинично гледано, можеби надлежните си рекоа: „Зошто да трошиме пари на две канти, кога можеме цело Скопје да го претвориме во една голема канта?“ Резултатот од таквото „прагматично“ размислување го гледаме на секој агол – прелеани контејнери, мини-депонии во маала, расфрлан отпад кој ветерот го носи до нашите прозорци. Она што планот го предвидуваше како систематско решавање на отпадот, локалната власт го претвори во систематско одбегнување на одговорност.
Дивите депонии: еко-бомби што чекаат (и не дочекаа) санација
Вардариште е најцрниот пример за тоа што се случува кога институциите со децении вртат глава од очигледен проблем. Оваа огромна дива депонија на територија на Општина Гази Баба – на само неколку километри од центарот на градот – требаше одамна да биде затворена, санирана и претворена во нешто полезно. Постоеше дури и студија на изводливост од 2014 година со визија на местото на депонијата да никне спортско-рекреативен комплекс со голф терени, парк, розариум – звучи неверојатно сега, нели? Но ветувања имаше: актуелниот градоначалник на Гази Баба во 2021 вети токму спортски центар на местото на Вардариште. Денес, при крајот на неговиот мандат, ветувањето остана неисполнето, а Вардариште остана една од најопасните еколошки рак-рани во Скопје. Наместо парк, таму имаме грди купови ѓубриште кои се шират како карцином, гушејќи ја околината и претворајќи ја целата област во темпирана бомба – од алармантна состојба до терминална фаза на негрижа. Тешко е да се најде попрецизна метафора: институционалната негрижа го направи своето – Вардариште буквално прерасна во еколошка бомба, која ова лето експлодираше во пламен и чад.
Додека градоначалниците менуваат приоритети на секои избори, депонијата тивко расте и и не труе. Последиците ќе ги чувствуваме ние и генерациите после нас. Епидемијата на канцерогени и респираторни заболувања не е случајна. Таа е резултат на негрижата на надлежните институции. Ама маките се наши. Ќе може ли некој да израчуна колку чинат изгубените животи, работни денови, боледувања, потрошените лекарства и изневерената доверба?
Според самиот Регионален план од 2016, Вардариште требаше да прерасне во модерна претоварна станица – место каде под контролирани услови би се собирал отпадот од неколку општини (Гази Баба, Арачиново, Петровец, Илинден), пред да се транспортира до Дрисла. Таквата станица би морала да исполнува стандарди: императивна инфраструктура (непропусна подлога, систем за собирање исцедок, мерачи на отпад, ограда и обезбедување, редовно отстранување на отпадот на максимум 48 часа и сл.).
Погодувате – ништо од тоа не постои во Вардариште во 2025-та. Наместо оградена и контролирана локација, имаме слободен терен за секој што сака нелегално да истовари ѓубре или да си пали кабли за бакар. Општина Гази Баба, која требаше да ги донесе деталните урбанистички планови (ДУП) за да започне санацијата, со години го кочеше процесот со недонесување на планска документација. Дури во 2025 година, под притисок на јавноста, тие ДУП-ови се ставени во програма – значи, изгубени се безмалку девет години во бирократско тегнење. Сè дотогаш, депонијата беше оставена сама на себе, без никаква заштита.
Резултатот? Годинава Вардариште повторно се запали – и тоа спектакуларно. На 31 август 2025 избувна огромен пожар кој со денови не можеше целосно да се изгаси. Густ чад и неподнослива смрдеа се раширија низ неколку скопски општини. Од безбедносни причини, беа исклучени далекуводите за струја кон Аеродром и Лисиче – илјадници граѓани останаа без електрична енергија со часови. Жителите на населбите околу депонијата, задушени од чад, излегоа на секојдневни протести, блокирајќи булевари и барајќи итно решение. Конечно надлежните се размрдаа: МВР уапси и притвори тројца поединци за кои постои сомнение дека со палење кабли предизвикале пожар. Но вистинското прашање е – кој ќе одговара што “бомбата” Вардариште воопшто беше оставена на разни пиромани?. Ова не беше непредвидлива несреќа, туку директна последица на долгогодишно нечињење. Сега, конечно, власта најавува оградување, забрана за движење и 24-часовно обезбедување на Вардариште – мерки што се требаа уште пред десет години! Цинично би рекле, подобро и доцна отколку никогаш, но цената на ова доцнење ја плативме со здравјето на граѓаните.
„ДРИСЛА“: КОГА ЌЕ ЗАГОРИ И ПОД ТЕПИХОТ
Ако Вардариште е срамот на дивите депонии, „Дрисла“ е срамот на официјалната. Градската депонија Дрисла, единствената легална регионална депонија за Скопје, требаше да биде пример за стандарди. Но и таа стана жариште на опасност, доказ дека проблемот со отпадот не е решен ни каде што формално постои систем. На 9 септември 2025, среде постојниот хаос со Вардариште, избувна голем пожар и на депонијата Дрисла. Скопје повторно се најде под облак од токсичен чад – воздухот мирисаше на изгорена гума, градот беше под чад. Пожарникарите гасеа цела ноќ. Екипите за гаснење, наместо да применат соодветни техники, започнаа да гасат со вода – што јасно укажува на нивна неупатеност и незнаење дека депонии не се гасат со вода. Овој пристап не само што не ја реши ситуацијата, туку и ја влоши, предизвикувајќи потенцијално ширење на исцедоци и загадување на подземните води. На површината излегува сериозниот проблем: недостаток на капацитет, недостаток на обука и недостаток на политичка храброст да се признаат грешките.
Згора на сè, стручните служби го информирале највисокото раководство на државата дека горењето на депонијата наводно „не претставува опасност за граѓаните и живиот свет“ – тврдење што е во остар контраст со меѓународно признаени научни факти. Според Европската агенција за животна средина (EEA), согорувањето на отпад на отворено ослободува широк спектар на токсични супстанции, вклучувајќи диоксини, фурани, ПАХ и тешки метали – супстанции кои се директно поврзани со карцином, хормонски нарушувања и оштетувања на имуниот систем . Истото го потврдуваат и бројни студии на Светската здравствена организација и американската EPA.
Дополнително, поради нетранспарентноста на институциите, граѓаните не можат да добијат јасни и проверливи информации за реалната концентрација на токсични материи во гасовите. А дури и да постоеле такви податоци, во Македонија не постои сертифицирана лабораторија за анализа на диоксини и фурани – супстанции кои се редовна појава при горење на мешан отпад на отворено. Тоа значи дека граѓаните се не само оставени без заштита, туку и без вистинска слика за ризиците на кои се изложени.
Официјалните лица се сомневаат дека пожарот можеби бил намерно подметнат, бидејќи „чудно е што депонијата сама од себе се запали токму сега, на пониски температури, откако претходно цело жешко лето немаше самозапалување“. Без разлика дали имало човечки фактор, факт е дека Дрисла со години е запоставена. Недоволната преработка и селекција на отпад значи дека на депонијата се таложи секакво ѓубре – и органско кое испушта метан и лесно се пали, и опасни материи што не смеат да бидат таму. Колку пати досега сме слушнале ветувања за постројки за селекција, за централи од депониски гас, за модернизација на Дрисла? Наместо тоа, добивме сцени на багери како тураат земја врз запалено ѓубре, додека надлежните се правдаат. Ниту Град Скопје, ниту градоначалничката, ниту Министерството за животна средина не издадоа навремени предупредувања или информации за загадувањето додека Скопје се гушеше во чад. Во целата кризна епизода, институциите повторно задоцнија – и превентивно, и реактивно.
Заклучок од приказната за Дрисла: толку сме го туркале ѓубрето под тепих (или поточно – на депонија), што на крајот тепихот фати оган. Кога ќе пламне и она што требаше да биде „безбедна“ депонија, јасно е дека системот гори од сите страни.