03/03/2026
Мрежата на доброволни противпожарни друштва на Република Северна Македонија денес одржа состанок со Регулаторна комисија за енергетика на Република Северна Македонија со цел да се отвори прашањето за регулирање на тарифата за електрична енергија за доброволните противпожарни друштва.Оваа иницијатива се реализира со поддршка и помош од директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ја препознава важноста на улогата на доброволните противпожарни друштва во системот за заштита и спасување.
Иницијатива не е во интерес на поединци, туку во интерес на граѓаните и безбедноста на државата.
Доброволните противпожарни друштва се составен дел од системот за заштита и спасување. Ние сме први на терен кога се случуваат пожари на отворен простор, природни непогоди и други вонредни состојби. Работиме 24 часа, 7 дена во неделата, често со ограничени финансиски средства, но со голема одговорност кон заедницата.
Трошоците за електрична енергија директно влијаат врз нашата подготвеност – од одржување на опремата, полнење на батерии, функционирање на комуникациски системи, па сè до основно осветлување и работа на просториите. Затоа сметаме дека доброволните противпожарни друштва треба да имаат повластен, односно регулиран тарифен третман, како субјекти што работат во јавен интерес и во функција на безбедноста на сите граѓани.
Ова не е борба за привилегии. Ова е борба за посилен и поефикасен систем за заштита, за подобро организирано општество и за поголема сигурност на секој граѓанин.
Ќе продолжиме институционално, транспарентно и одговорно да ги застапуваме интересите на доброволните противпожарни друштва, со единствена цел – подобра заштита на животите, имотот и природата во нашата држава.
Заедно градиме побезбедна иднина.