19/06/2026
⚖️ Собраниските комисии дадоа поддршка на Предлог-законот за парничната постапка во второ читање ✅
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија денес дадоа поддршка на Предлог-законот за парничната постапка во второ читање, со што е направен значаен чекор во процесот на усвојување на едно од најважните реформски законски решенија во областа на правосудството. Голем дел од суштинските поднесени амандмани беа прифатени.
Предлог-законот претходно беше предмет на јавна расправа, во која активно учествуваа претставници на правосудниот систем, академската и стручната јавност, како и други засегнати страни. Нивните забелешки и предлози беа земени предвид со цел да се обезбеди современо, квалитетно и функционално законско решение.
Со новиот Закон за парничната постапка се воведуваат суштински реформи насочени кон модернизација на судските постапки, зголемување на ефикасноста на судовите и зајакнување на правната сигурност. Предвидени се решенија што овозможуваат поефикасно водење на постапките, поголема улога на судот во утврдувањето на фактичката состојба, можност за вештачење и увид по службена должност, како и целосна дигитализација преку електронска достава и одржување расправи по електронски пат.
📌 Особено значајни се мерките за забрзување на постапките во споровите од мала вредност, воведувањето поправедни и попропорционални глоби, како и новиот механизам на претставнички тужби за заштита на колективните интереси и права, со што дополнително се унапредува пристапот до правда.
Предложените законски решенија се усогласени со повеќе системски закони и европските стандарди и претставуваат важен придонес кон изградбата на модерен, ефикасен и правно кохерентен правосуден систем. 🇪🇺