17/09/2026
Мисајловски излезе од периметарот на САД.
Шегата настрана – веста е сериозна. Стејт департментот го известил Конгресот дека 52 милиони долари, првично наменети за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак, ќе бидат пренасочени кон држави од Латинска Америка.
Кога бев министерка за одбрана, со американските партнери ја зајакнувавме довербата, обезбедувавме воена помош и создававме услови за забрзана модернизација на Армијата.
Денес, во мандатот на Мисајловски, Македонија останува без дел од таа поддршка.
Нема да ја манипулирам јавноста – одлуката е дел и од пошироките надворешнополитички приоритети на Вашингтон. Но министерот за одбрана не е набљудувач. Неговата работа е да се бори за интересите на Македонија и да ја зачува поддршката од нашите стратешки партнери.
Затоа Мисајловски треба да одговори:
Колкав износ ѝ се одзема на Македонија?
Кога бил информиран?
Што презел за да го спречи или барем да го намали кратењето?
Кои проекти за опремување и модернизација ќе бидат погодени?
И зошто јавноста за ова дознава од странските медиуми, а не од Министерството за одбрана?
Стратешкото партнерство не се одржува со протоколарни фотографии и со присвојување проекти започнати од претходните раководства. Се одржува со работа, доверба и постојана дипломатска активност.
Лесно е да се фотографираш со она што си го наследил. Потешко е да го зачуваш и надградиш.
Мисајловски ја наследи американската помош. На јавноста ѝ должи одговор зошто денес губиме дел од неа.