26/06/2020
Пред и за време на Илинденското востание, селото дало активен придонес во борбите против турската војска. Така, на 25 мај 1902 год., војводите Ташко Арсов и Никола Петров Русински дејствувале во селото, каде што го убиле селскиот полјак - Шабан од Песочан.[8] Во март 1903 год., во околината на селото (во месноста Опаленик) дејствувале комитски чети, кои учествувале во познатата арбиновска битка, при што на 17 и 18 март 1903 год., турската војска ги опседнала сите села во Горна Дебарца.[9] За време на оваа афера, 14 жители на селото биле осудени на робија во Дијар Бекир, Мала Азија и од нив само четворица се вратиле назад, тоа биле Симјан, Јове, Мицко и Војдан.[10]
За време на Илинденското востание постоела мраморечка чета под команда на војводата Смиле Војданов, а во околината на селото дејствувале неколку комитски чети, кои на 2 август 1903 год. го нападнале селото Издеглавје.[11] [12] Во текот на август, во околината на Мраморец се воделе големи битки меѓу комитските чети и турската војска, а во знак на одмазда, на 15 септември 1903 год., турската војска го запалила селото и изгореле сите 84 куќи во селото, при што убиле 14 жители на селото:
Спасе Василев, Хр. Матев, Трајче Димитров, Голаб Максимов, Ст. Тасев, Гркина Сотирова, Крстаница Стојчева, Кофил Павлев, Јанаќија Николова, Стојан Иванов, Здраве Христов, Настов, Стојан Матев и Серафим Крстев.
За тоа време, жителите на селото се криеле во шумите околу селото, а на 25 септември 1903 год. била објавена амнестија, по што селаните повторно се вратиле во своите домови. По објавената амнестија, на 28 септември 1903 год., комитите започнале да го собираат оружјето, кое се закопувало во тајни складишта во буките меѓу селата Мраморец и Белица, при што во селото биле собрани 52 пушки. Во април 1905 год., по наредба на Христо Узунов, војводата Ташко Арсов се вратил во Мраморец, каде со помош на селаните го откопале складот со оружјето и муницијата.[13]
После Втората светска војна дел од мраморчани кои учествувале во Илинденското востание и ја дочекале конечната слобода на македонскиот народ, поднеле молба до властите за да добијат илинденска пензија.
Од Мраморец молба поднеле: Стојан Ристов Димоски, Сиљан Петров Николески, Ристо Гаврилов Ристески, Андон Здравев Ристески, Гроздан Апостолов Иваноски и Симјон Алексов Илијоски.